За половина милион евра Рашковски излегува „Шутка“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

За 500.000 евра, Апелакција експресно одлучи поранешниот генерален секретар Драги Рашковски да ја напушти „Шутка“.

„Притворот за Рашковски е определен по член 165 став 1 точка 1 и 2. Жалбата на решението за притвор е со гаранција. Бидејќи нашиот Совет оценил дека се уште постои точката 2, поради која е определена мерка притвор, а точка 2 се состои во постоење основан страв дека може да се уништат трагите на кривичното дело, или кога постојат околности што укажуваат дека обвинетиот може да ја попречува истрагата, значи кога постои тој основ тогаш мерката притвор не може да се замени со гаранција“, посочија од Апелационен суд.


Претходно, во интервју за неделникот Фокус, премиерот Зоран Заев изрази недовера кон обвинителката Вилма Русковска, која тврди пак дека Рашковски направил кривично дело.


„И денес тврдам дека не ја злоупотребил функцијата и има спроведено кристално чисти јавни набавки. Останувам на ставот дека Владата може да нарачува софтвер без да праша никого, а на министерството е дали ќе го користи“, истакна Заев.

На прашањето дали тоа значи дека не му верува на Обвинителството за борба против организиран криминал и корупција, Заев одговара:


„Апсолутно не им верувам и за овој, како и за многу други предмети, вклучувајќи и предмети за опозиционерите, кога директно кажав дека тие не се организатори на настаните од 27 април. Бев повикан како сведок на Обвинителството и кажав дека таа (Русковска н.з.) не е во право. Тоа е мое сведочење за овој предмет во кој бев еден од главните таргети во овој случај. Така што јас не морам да се согласам со неа и со тоа што таа го тврди“, додаде Заев.


Против Драги Рашковски во моментов се водат две истраги. И двете се за спроведени тендери, при што се купени добра што никој ниту ги барал ниту, пак, ги користи. И во двата случаи, тоа што генералниот секретар Драги Рашковски го купил, претходно го имал патентирано иноваторот Драги Рашковски.