Регулаторната гилотиња од пред 17 години кога се смени Законот за угостителство го внесе хаосот при издавање на лиценци и контрола на минимално техничките услови за работа на ноќен клуб, дискотека и кабаре, вели министерот за транспорт Александар Николовски. Според него, желбата за поедноставување на процедурите за водење бизнис била максимално злоупотребена и тоа резултираше со трагедијата во Кочани.
„Можеби една добра заложба од 2008 година, тогаш јас бев пратеник, да се намалат процедурите, сега е, гледаме, целосно злоупотребена, затоа што и патот до пеколот е, за жал, поплочен со добри намери и очигледно тој систем не функционира и мора да се менува“, изјави Александар Николоски, министер за транспорт и врски.
Тој најави дека веќе се работи на менување на законите со што би требало да се врати контролата врз издавањето лиценци, но и дали некој навистина ги исполнува минималните технички услови. Николоски појасни дека голем проблем е членот 21 од Законот за угостителство кој регулира како се издава лиценца за кабаре, ноќен клуб и дискотека. Според него, барателот на лиценца ја доставува пријавата и гарантира дека е вистинита, но дека потоа има потполна нејаснотија што треба да контролира службеното лице.
„Службеното лице, ова е многу битно, од органот на државна управа, надлежен за работите од областа на угостителство, која ја води постапката, или преведено Министерство за економија, по службена должност ги прибавува доказите од ставот 2, точките 1,2,3,4, од надлежен јавен орган, во рокот три работни дена од поднесување на барањето. Што значи дека сите овие документи се прибавуваат од страна на Министерството за економија по службена должност, а подносителот поднесува изјава дека под материјална морална и криминална одговорност тврди дека истите се исправни. Законот не е добар и мора да се смени“, изјави Александар Николоски, министер за транспорт и врски.
Дополнително, приватна фирма утврдува дали објектот е согласно стандардите и ова мислење со печат се доставува до општината, при што најчесто тоа не се контролирало на терен. Причината повторно е лошото законско решение, но и капацитетот на Државниот пазарен инспекторат да дава проценки за градежни работи.
