За време на протестите во Венецуела загинаа 24 лица

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Организацијата за човекови права „Провеа“ синоќа извести дека вкупно 24 лица загинале за време на протестите по претседателските избори во Венецуела на 28 јули, кои биле придружени со сериозни обвинувања за измама, јави ДПА.

Провеа на социјалната мрежа Х објави дека во најмалку девет случаи на убиства, вооружени провладини групи цивили, т.н. колективи, се идентификувани од сведоци како можни сторители.

Организацијата за човекови права „Хјуман рајтс воч“ во врска со протестите зборуваше и за „веродостојни извештаи за 24 загинати“.

Многумина во Венецуела демонстрираа во последните денови против изборните резултати за кои велат дека биле наместени. Според владините изјави, досега се уапсени повеќе од 2.000 луѓе како одговор на протестите.

По изборите на 28 јули, изборното тело на Венецуела го прогласи за победник претседателот Николас Мадуро, кој е на власт од 2013 година.

Опозицијата ја обвинува владата за изборна измама и тврди дека победил нејзиниот кандидат Едмундо Гонзалес.