Забрана за вонредна настава по медицина – дали со оваа мерка се спречува заминувањето на младиот медицински кадар?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Иако бројките покажуваат дека во земјава има недостиг од медицински кадар, Министерството за образование одлучи во наредните две години да нема вонредни уписи во средните стручни медицински училишта. Шериф Мустафа од Центарот за стручно образование и обука вели дека учениците и понатаму се најмногу заинтересирани за медицинските правци, но не ни одговори како ќе влијае одлуката на Министерството за забраната за упис на вонредни ученици.

„Ние сме одговорни само како советодавци и гледаме со какви проблеми се соочуваат средните училишта. Мислам дека подобро би било на тоа прашање да одговорот од Министерството за образование“, вели Шериф Мустафа.

Од МОН велат дека ваква одлука е во интерес на создавањето на што постручен кадар, но и да се спречи заминувањето на работната сила од земјата.

„Оваа одлука е во согласност со напорите на државата за спречување на одливот на работна сила, која значително недостасува во здравствениот сектор. Статистиките велат дека во вонредно медицинско образование најчесто се запишуваат повозрасни граѓани, со намера да се преквалификуваат и да побараат работен ангажман надвор од земјата“, велат од МОН.

Но, поинаку мисли поранешниот заменик министер за образование, Лулзим Алиу. Според него со ваквата одлука им се скратуваат можностите на граѓаните и додава дека државата треба да нуди подобри услови за граѓаните сами да одлучат да останат тука.

„Не верувам дека ќе даде позитивен ефект за да се спречи заминувањето на младите од земјата. Сметам дека во прашање се другите услови, вработувањето и завршувањето на образованието, се дел од причините поради кои младите одлучуваат да заминат. Тие кои одлучиле да студираат или работат во странство ќе најдат механизми, начини за да си заминат“, порача Лулзим Алиу.

Инаку според Здружението на лекари на Македонија, секоја година од земјата заминуваат околу 240 лекари а има недостиг на околу 8000 медицински сестри.