Кога општината немаше што да прави во врска со уривањето на илегалниот објект кај Мавровка, Владата беше таа што помогна за наоѓање решение.
А, дали премиерот Зоран Заев ќе најде и сега решение за да ја спречи изградбата на висококатниците спроти ГТЦ?
Реакциите на граѓаните се големи, а Уставен суд го отфрлил мораториумот на општина Центар за неспроведување на стариот урбанистички план.
Одговор за ова не добивме ниту од премиерот Заев ниту од неговиот прв заменик, Артан Груби.
Дали двајцата први луѓе на Влада имаат намера во молк да помине ова прашање, партнерката во влада, Маја Морачанин ги повикува надлежните институции да преземат нешто за да се спречи бетонизацијата на последната слободна зелена зона во срцето на Скопје.
Револтиран од тоа што се случува во центарот на главниот град, екс министерот на СДСМ за урбанизација и градежништво, Антони Пешев, започна индивидуална петиција под името “НЕ НА ИЗГРАДБАТА НА НЕХУМАНО ГОЛЕМ ОБЈЕКТ НА ПАРКИНГОТ ПРЕД ХОЛИДЕЈ ИН“ и собра околу 4 илјади потписи. Пешев смета дека е крајно време да престанеме да функционираме со филозофијата “правно можно, правно, неможно“.
Пешев оценува дека во овој момент државните институции директно треба да се вклучат, меѓутоа од Владата до сега има само молк.
Со укинување на мораториумот од страна на Уставен суд, инвеститорот МГ Фешн и православната црква преку компанијата “Обновители“ веќе уплатиле околу 2,4 милиони евра за комуналии. Ова ги води еден чекор понапред до добивање дозвола за градба од страна на општина Центар, по што на овие 80 илјади метри квадратни ќе може да започне изградбата на висококатниците, за кои никој не знае точно како ќе изгледаат.
