Сè уште е неизвесно кога ќе пристигнат првите вакцини со кои и кај нас ќе започне масовната имунизација на населението. Иако беше повлечен авансот за кинеските вакцини, премиерот Зоран Заев соопшти дека денес очекува позитивен сигнал од Кина.
„Авансот е повлечен заради тоа што ја чекавме поддршката од Министерството за надворешни работи на Кина. Не можеме да оставиме пари да лежат во туѓа земја додека не се заврши постапка. Авансот се пушти како дел од процедурата. Ќе чекаме прво да се заврши работата, па потоа да ги уплатиме парите. Денеска очекувам позитивен сигнал или информација од Кина за веднаш да ја почнеме таа постапка. Има и втора постапка за набавување 200.000 вакцини, а формализирани се и постапките за руската вакцина „Спутник“, денови се во прашање кога ќе стигнат вакцините“, истакна Зоран Заев.
Коментирајќи го проблемот со вратениот капар за кинеските вакцини, Министерката за одбрана, Шеќеринска посочи дека Владата е транспарентна и не ги крие информациите од јавноста и проблемите со коишто се соочуваме.
„Вие ги слушате истите фрустрации, истото незадоволство и истите проблематични чекори кај најголемиот дел од земјите членки на ЕУ, најголемата група на земји која што во принцип се сметаше дека ќе го диктира темпото во овој период. Но дури и тие се соочија со проблеми со дел од производителите и со обезбедување на потребните количини. Она што е добро дека барем здравствените работници кои се на првата линија на фронтот успеа благодарејќи на оваа донација да обезбедат дополнителна заштита“, порача Радмила Шекеринска.
Комисијата за заразни болести денеска не се собра на редовниот состанок на кој се разгледува состојбата со актуелната пандемијата од коронавирусот. Истиот е одложен за наредните денови, по барање на членовите на комисијата кои ќе разгледуваат дали растот на заразени се должи на нов бран кој пак ќе треба да донесе и нови рестриктивни мерки.
