Опцијата за лидерот на СДСМ Зоран Заев да остане на чело на Владата и натаму е во игра. Особено поради големиот притисок од меѓународната заедница, коалиционите партнери и стратешките определби на земјава. Неофицијално бараат он да продолжи тоа што има ветено како премиер.
Според партиски извори на ТВ21, притисок има и внатре во партијата за да актуелниот лидер Зоран Заев остане на функцијата.
Како што дознаваме, во игра се и имињата на Радмила Шекеринска која исто така има голема поддршка од меѓународната заедница, а сериозно се споменува и името на Дане Талевски поранешен советник на премиерот Заев и Национален координатор за НАТО, а сега амбасадор и постојан претставник на Република Северна Македонија во НАТО.
За четврток во 11 часот е закажана седницата откако претходно опозицијата поднесе предлог за гласање (не) доверба на Владата, за што потребни се 61 пратеник.
Скендер Реџепи од Алтернатива синоќа во „Click Plus“ на ТВ21, најави дека без договор за идната Влада нема да гласа за рушење на актуелната власт.
„Без договор за поделба на ресорите, преземање одговорност во идната влада, не би гласал за рушење на оваа Влада. Никој не знае што ќе се случи утре“, истакна Реџепи.
Вечерва закажан е и извршен и централен одбор на СДСМ каде што треба да се разговара по најавената оставка на лидерот. Доколку оставката биде прифатена во рок од 15 дена партијата согласно статутот треба да распише вонредни избори за избор на претседател.
