Тврди дека му е многу добар пријател, но премиерот Зоран Заев не може да дозволи директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски да му пркоси на претседателот или потпретседателот на Владата. Коментарите и потценувањата на Пауновски за систематизацијата на административците, според Заев е доволна основа за негово разрешување.
ТВ21 во текот на денот се обиде да го контактира Пауновски за негов став, но без успех. Пред Заев да го најави неговото разрешување, директорот на Инспекторатот во изјава за Слободен печат рекол дека не му е јасно зошто Премиерот не го разбира неговиот дециден став дека нема да вработи 35 административци распределени во Инспекторатот бидејќи не се квалификуван кадар.
„Нека ги земе некоја друга институција, каде што ќе бидат соодветни според образованието. Велат дека тие сакале да работат во Пазарен инспекторат. И јас сакав пилот да бидам кога бев млад, ама не станав“, вели Стојко Пауновски.
Од вкупно 1349 домашни административци кои Министерството за политички систем ги распределило низ институциите, 35 требало да преминат во пазарниот инспекторат. По ова, директорот Пауновски излезе и рече дека нема место за сите туку само за 12 кои се со економски и правен факултет.
