Заев: Нема преговори за идентитетот и јазикот, Османи: Бучковски ќе треба да го смени ставот за Бугарија

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Без разлика на исходот од претстојниот Совет на министри на 8 декември преговорите со Бугарија мора да продолжат за да се најдат решенија на проблемите, изјави премиерот Зоран Заев со што се навестува дека Македонија овој месец нема да ги почне преговорите со Европската унија, а како нов тајминг за можен старт на преговорите рече дека тоа е следното лето. Заев рече дека во овие напори е вклучен и специјалниот претставник за преговорите со Бугарија Владо Бучковски кој, како што истакна ќе се ангажира за поуспешно спроведување на Договорот со источниот сосед. Рече дека Мешовитата историска комисија веќе постигнала напредок и идната година ќе започне промената на учебниците.

„Никој не преговара за македонскиот идентитет и за македонскиот јазик. Тоа е наше право на самоопределување и се што е поврзано со тоа прашање е нашето очекување конечно да ја симнеме билатералната спогодба со Бугарија, а тоа е да зборуваме за македонски јазик согласно Уставот на Република Северна Македонија и за бугарски јазик согласно Уставот на Република Бугарија“, изјави Заев.

Но чии ставови ќе застапува Бучковски, кој претходно во едно интервју за бугарски медиум рече дека Македонците постојат од 44 година а Бугарите се постар народ. Министерот за надворешни работи Бујар Османи вели, дека сега ќе треба да ги смени ставовите.

„До вчера господинот Бучковски беше професор и слободен граѓанин кој што може да изрази свои ставови меѓутоа од вчера со одлука на Влада назначен како специјален претставник инструкциите и ставовите ќе ги добие од Министерството за надворешни работи и од Владата што значи дека ќе треба да се прилагоди по однос на ставовите на државата во овој момент.“, рече Османи.

На само неколку дена пред одржувањето на Советот на министри, еврокомесарот Оливер Вархеи побара од Македонија да одговори на барања со Бугарија за да се отворат преговорите за членство, што предизвика реакции во јавноста. Османи за ова рече дека е очекувано тој да нема ист став спрема двете земји, бидејќи Бугарија е членка на Европската унија а Македонија е земја кандидат.