Заев: Побаравме бришење на групата „Јавна соба“, ако не – блокирање на апликацијата „Телеграм“ во земјава

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Премиерот Зоран Заев денеска објави статус по повод случајот „Јавна соба“. Тој рече дека земјава побарала од Телеграм, бришење на групата, а се закани доколку не биде тоа сторено, ќе се размислува и за забрана на апликацијата на територијата на Северна Македонија.

„Испративме категорични барања до социјалната мрежа Телеграм да ја избрише групата „Јавна соба“ и нема да престанеме да инсистираме на тоа барање сѐ до негово конечно исполнување.

Доколку апликацијата Телеграм не го затвори каналот Јавна соба каде се споделува порнографска и приватна содржина од наши граѓани, како и детска порнографија, ќе ја разгледаме и опцијата за блокирање или рестрикција на користењето на оваа апликација во Северна Македонија, сѐ додека не почнат да соработуваат со нас, со единствена цел да се затвори проблематичната група и да ни помогнат во откривање на идентитетот на оние кои споделуваат слики и прават кривично дело.

Нам како Влада ни на крај памет не ни паѓа да цензурираме комуникација, но ова е нешто друго и мораме да си ги заштитиме своите граѓани. Денес ова се случува на Телеграм, а утре можеби на некоја друга платформа, затоа ние имаме задача и обврска да направиме сѐ да обезбедиме соодветна реакција и од оние кои ги создале овие платформи каде се случуваат вакви кривични дела.

Се надевам дека нема да има потреба од рестрикции за Телеграм и дека уште денес ќе одговорат на нашите бројни барања и ќе почнат да соработуваат. Сакам да упатам порака и до сите наши граѓани кои споделуваат слики и содржина на таа група во сопственост на други сограѓани, во истиов момент да престанете да го правите тоа и да излезете од таа група. На крајот на денот ќе ги добиеме податоците, ќе бидете обвинети и ќе одговарате за тоа што го правите.

Министерството за внатрешни работи, во рамки на своите надлежности во земјава е влезено во трага на дел од лицата кои недозволено објавуваат фотографии и вознемирувачки содржини и се преземаат соодветни мерки и активности во врска со случајот.

Две лица, едно во Битола и едно во Велес се приведени во врска со случајот Јавна соба. МВР работи во координација со Јавното обвинителство со цел целосно расчистување на случајот и соодветно санкционирање на сторителите. Имам порака за охрабрување и за жртвите на ова насилство. Ќе ги преземеме сите неопходни чекори да ве заштитиме и да ги казниме сторителите на овие грозни дела. Упатувам поддршка и до сите што покажаа солидарност и осуда за ваквите појави. Така го правиме нашето општество посензибилизирано за овие појави кои мора секогаш да бидат обесхрабрени и осуетени во нивните намери.

Заштитата на приватноста е дел од генетскиот запис на секој човек, и денес, кога се одбележува Денот на заштита на приватните податоци, уште еднаш се соочуваме со заканите од глобални размери и уште еднаш сме повикани сите ние силно да застанеме против оваа појава.“, напиша Заев на „Фејсбук“.

Испративме категорични барања до социјалната мрежа Телеграм да ја избрише групата „Јавна соба“ и нема да престанеме да…

Posted by Zoran Zaev on Thursday, January 28, 2021