Заев: Предложеното од Бугарија не е добрососедство, треба да се подготвиме и за тоа дека нема да почнат преговорите со ЕУ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ако Бугарија остане на нејзините барања, треба да го подготвиме македонскиот народ дека нема да почнат преговорите со ЕУ, изјави премиерот Зоран Заев, потенцирајќи дека разговорите меѓу македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи и неговата бугарска колешка Екатерина Захариева не поминале добро.

„Тоа што е предложено од таа страна ниту е добрососедство, ниту е братство, ниту најмалку е европско. Ако тоа така остане треба да го подготвиме македонскиот народ дека може да не отпочне првата меѓувладина конференција која ја очекуваме во декември. Но, јас верува дека тоа не став на премиерот Бојко Борисов, мојот пријател и брат, верувам дека тоа не е став ниту на бугарскиот народ и ќе направиме сè овие претстојни денови да изнајдеме решение“, рече Заев.

Заев порача дека земјава ја прифатила заедничката историја како нешто што е составен дел од минатото, но и дека Северна Македонија, исто како и Бугарија, има своја посебна историја. Тој потенцира дека со неговиот колега и пријател Борисов до сега решиле пет историски личности и три историски периоди, верувајќи дека ќе биде решен и четвртиот.

„Одличен мегдан е нашиот историски, заеднички јунак Гоце Делчев за да нè сплотува, да ја зголемува соработката и поддршката. Убеден сум дека ќе постигнеме решение и ќе направиме сè што е во наша моќ за да продолжиме по тој пат затоа што нашиот сон е Европа која го признава и целосно го почитува правото на самоопределување. Ние сме Македонци кои зборуваат македонски јазик и верувам дека таквите вредности ќе опстојат комплетно и во нашите соседи“, вели Заев.

Тој е убеден дека и претседателите на двете земји Пендаровски и Радев ќе дадат поддршка на овој процес за да се покаже дека двете земји кои се братски поврзани, имаат европски вредности. Европската унија во март донесе одлука за безусловен почеток на пристапните преговори со Северна Македонија. Бугарија во септември испрати меморандум до земјите членки на ЕУ, во кој, тврди дека македонскиот јазик не постои и е дијалект на бугарскиот јазик, како и дека македонскиот народ е проект на Тито. Пристапните преговори официјално почнуваат со меѓувладината конференција која се очекува да се одржи до крајот на годината, за време на германското претседателство. Но за да се случи таа, сите земји членки треба да ја усогласат преговарачката рамка, процес што во моментов го блокира Бугарија, барајќи отстапки за историјата и македонскиот јазик.