Иако во 2016 СДСМ вети дека Северна Македонија ќе биде со една изборна единица, премиерот Зоран Заев призна дека неговата партија и другите поголеми партии не се за оваа идеја.
И ривалите на социјалдемократите, опозициската ВМРО-ДПМНЕ е за една изборна единица но имаат едно дополнително барање за локалните избори.
И опозициската Левица е за една изборна единица бидејќи, како што вели нејзиниот претседател Димитар Апасиев, тоа би дало реална слика за поддршката од гласачите.
Од друга страна, албанските партии со различни ставови. Пратеничката Вјолца Адеми од ДУИ вели дека една изборна единица би било на штета на албанската политика.
„Нашиот став е дека треба да се оди според пропорционалниот систем со 6 изборни единици, бидејќи ако се оди со една изборна единица не би било од полза на албанскиот политички фактор во земјава. Според анализите на ДУИ, би имале помалку пратеници Албанци во Собранието на РСМ“, истакна Вјолца Адеми.
ДУИ е за отворени општински листи а за парламентарните Адеми вели дека е рано да се зборува.
Албанската опозиција е за отворени листи вели координаторот на ПГ на АА-ААА, Скендер Реџепи. Што се однесува до поделбата на изборните единици, коалицијата се уште без усогласени ставови.
„Бидејќи има различни мислења во врска со тоа дали треба да има 1, 3 или 8, меѓутоа верувам дека во рамки на средбата како коалиција ќе го дефинираме тоа. Тоа што е важно се отворени изборни листи“, порача Скендер Реџепи.
Фадиљ Зендели, пратеник на Движење Беса која е во коалиција со СДСМ, вели дека остануваат на идејата за 3 изборни единици. Оваа поделба лесно би довела до преминување од 6 во 3 изборни зони и би влијаело на политичката и етничка поделба без да ги загрозува интересите на одреден политички субјект или етникум.
„Сега може да се разговара за прашањата, ништо не е забетонирано и да не може да се дискутира. Лесно е зоната 5 и 6 да бидат една изборна зона. 1 и 2 да формираат една зона, 3 и 4 една зона, но тоа не подразбира дека административната форма треба да се направи на овој начин, може да се направат и одредени корекции“, рече Фадиљ Зендели.
И движење Беса е за отворени листи за општински советници, а овој модел потоа да се спроведе и за парламентарните избори.
Овие денови партиите започнаа со средби меѓу работните групи каде ќе се дискутира за изборните единици и отворените листи кои се очекува да се станат реалност на локалните избори во октомври. Тема на дискусија е и работата на терминалите за отпечатоците од прст.
