Лидерот на СДСМ Зоран Заев денеска на прес – конференција изјави дека на Владата е да оцени дали ќе прогласи вонредна состојба во земјата за спречување на ширењето на коронавирусот, имајќи ги предвид здравствените аспекти.
-Јас оставам на Владата да ги оценува ваквите работи, ние политичарите сме оставени по страна да бидеме асистенција, за тие професионално да си ја завршуваат работата. Сите мерки кои се преземени кај нас дури и предничат во однос на оние земји каде има прогласено вонредната состојба. Но вонредна состојба некогаш се прогласува и заради алатка за менаџирање на ситуациите. Пред се мислам на здравствените аспекти. Така што верувам дека Владата ќе ги има предвид сите тие аспекти… Но, не случајно земјите околу нас прогласија вонредна состојба – и Албанија, Косово, и Србија и Грција. Веројатно и ние ќе се движиме кон тоа затоа што тоа е посериозна алатка за полесно и поуспешно менаџирање на ваква криза предизвикана од коронавирусот, рече Заев на денешната прес-конференција.
