Лидерот на СДСМ Зоран Заев попладнево на прес-конференција на прашање на ТВ21, рече дека за добивањето на датум за преговори за членство на земјата во ЕУ, честитки добиле од сите, но не и од опозицијата.
Тој рече дека за овој успех најзаслужни се граѓаните на земјата, како и одлуките донесени во последните 2,5 години, договорот од Преспа, и договорот со Бугарија, како и реформите.
„Овој успех е на граѓаните. Верувам дека денеска сите се радуваме на овој успех. Да се заблагодарам на сите генерации, на сите политичари, еве имавме среќа да успеавме. Честитки стигнаа од сите. Од сите амбасадори, од лидери, од Хан, од многу други членови на европската комисија, стигнаа честитки од политички партии, не стигнаа од опозицијата, но би било добро да му честитаат на народот и да го охрабрат. Мегдани меѓу власт и опозиција ќе има многу, имаме идеји за справување со коронавирусот, но должни се да го поздрават и да му се израдуваат“, рече Заев.
