Заев за „Двојник“: Моите коалициони партнери легитимно е да имаат средба со Пекер

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Легитимно е коалиционите партнери да имаат средба со Седат Пекер, еден од најголемите турски криминалци кој имал македонски пасош со лажен идентитет, изготвен од МВР, рече Заев на денешната прес-конференција, оценувајќи ја акцијата „Двојник“, како успешна.

„Јас сум запознаен кој од коалиционите партнери имале средба на негово барање низ чаршијата и на други места, но апсолутно , не може да се каже дека некој има вина поради тоа, затоа што е нормално некој кога ќе побара средба таа и да се закаже“, посочи Заев.

Тој додаде дека луѓето кои се од неговото коалиционо опкружување не знаеле за што се работи во моментот кога објавувале фотографии со личноста од туркото подземје и дека за него била издадена патна исправа со лажен идентитет

Заев вели дека не прифаќа тој и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски да понесат одговорност, затоа што, како што вели тој, акцијата била успешна.

„Кога некој открива, осознава и активно процесуира криминал, тој треба да се награди, а не да одговара. Ова е неколкумесечна акција која се работи со Интерпол и со регионалниот центар на САД за да се казнат ваквите постапки. Луѓето кои се извадени пред суд и дале 214 државјанства се во притвор. Низ децениите тоа што се случувало, на крајот има успешна завршница за да не се повтори никогаш повеќе, рече Заев, одговарајќи на новинарско прашање.“

Посочи и дека еден од контролорите, односно референтите, кои изработувале оригинални пасоши за регионалните криминалци под лажно име, и давал документи на опозицијата да ги објавува за да створи политички тензии и така да се спаси.

„А дека некој се обидува да кокетира со одредени политички субјекти во целиот овој период веројатно да се спаси и да направи политичка тема од ова прашање, ние нема да дозволиме професионалното однесување на МВР и независното работење на правосудните органи да не ја испратат пораката на неказнивост“, истакна Заев.