Загриженост во Грција за зголемениот број случаи на Ковид-19 особено во пресрет на парадите за националниот празник

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Зголемувањето на бројот на новозаразени, особено во северниот дел на Грција, што е веќе во црвената зона на епидемиолошката мапа, во комбинација со ниската стапка на вакцинирани и во пресрет на парадите за националниот празник в четврток, предизвикуваат загриженост во земјата, јави дописничката на МИА од Атина.

Вчера беа регистрирани речиси 4.000 нови случаи на Ковид-19, односно 3.937 новозаразени, највисока бројка во изминатите два месеци, а за 24 часа починаа 54 лица, што исто така е зголемување на бројот на смртни случаи.

За грчкиот национален празник, денот „Охи“ (Не), односно негативниот одговор на Грција на ултиматумот од Италија во 1940 година, планирано е во Солун да се одржи традиционалната воена парада, со почитување на протоколите и превентивните мерки, но и со публика, а во другите градови ќе парадираат учениците.

Сепак, префектите и градоначалниците од најмалку седум градови во северна Грција, веќе ги откажаа парадите на учениците поради епидемиолошката состојба.

Портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому на денешниот редовен брифинг со новинарите, на сите оние кои ќе ги следат парадите, им порача да ги почитуваат здравствените протоколи и да носат маска за време на парадата.

Дополнително, упати апел до сите оние кои сѐ уште не се вакцинирани, да го сторат тоа.

-Сликата што ја имаме од Одделите за интензивна нега, сликата што ја имаме за луѓето кои се приклучени на апарати и се изложени на поголем ризик, го потврдува она што го кажавме во минатото. Вакцината е единственото нешто што го имаме во наши раце, да се заштитиме, пред сѐ од болеста, но и од тоа тешко да се разболиме. Онаму каде што имаме многу случаи, многу приеми во болница, многу хоспитализации, многу приеми на Одделите за интензивна нега, тоа е целосно согласено со ниската стапка на вакцинација, истакна Иконому.

Парадите лани не се одржаа поради пандемијата, а зимскиот бран започна токму од Солун и северна Грција, по што на почетокот на ноември беше воведен неколкумесечниот карантин.

Од почетокот на пандемијата, во Грција се потврдени вкупно 720.295 случаи на Ковид-19, а починаа 15.682 лица.