Закани кон вработени во ЈП Комунална хигиена – Мазнева се правда: Тоа се политички насилници

НАЈНОВИ ВЕСТИ

„Во понеделник ќе си се прочитаат од прв до последен. 200 души 200. 300 души 300. Нека мислат на семејството, нека мислат на ленот, нека не ги заштитутваат тие кои ги штитат. Ова сум мртва сериозна. Кога ги огласив 10 души на огласна табла, тие кои што се, и поднесов кривична пријава, нема да ме спречи ништо уште 200 да ги огласа“.

„Еве слушаат сите што кажуваш директорке, така тоа е тоа“

Ова е гласот на директорката на Комунална хигиена Скопје, која со заканувачки тонови им се обраќа на дел од вработените во претпријатието кои одлучиле да штрајкуваат. Група на вработени во петокот пред полноќ прекинале со работа. Се жалат на отпуштањето на голем број вработени и деградадирање од страна на актуелните раководители на претпријатието. Бараат подобри услови, но и повисоки плати.

Сепак, според директорката Косана Мазнева штрајк не смее да има, бидејќи граѓаните на Скопје не смеат да се гушат во смет.

Откако снимката се појави во јавноста, Мазнева итно закажа прес конференција. Пред новинарите изјави дека работата на претпријатието ја блокираат луѓе кои што повеќе од 15 години фиругирале на списокот на вработени, но не оделе на равота. Тука биле само партиски ангажирани, па со нивните постапки нанесуваат штета на самото претпријатие, но и нивните колеги.

„Овие лица кои што денеска ја блокираат работата на ЈП Комунална хигиена Скопје, голем дел од нив воопшто не се членови на синдикатот, а во најголем дел не се ниту вработени во претпријатието. Тие се тука како дел од партиската логистика која има за цел да проектира сила, да уценува и само да се заканува. Наводната причина поради која што овие лица го попречуваат работењето на претпријатието е издадената наредба од моја страна за сменско работење според која што на секој вработен му се предвидува работа во смени согласно законските норми и барањата од страна на синдикати. Она што е предвиденно во наредбата е дека сите работници по принцип на ротација ќе работат во сите три смени“, вели Косана Мазнева.

Таа вели дека поголема група на луѓе исклучиво работела во трета смена, што било спротивно на законската пракса. Причината била да добиваат поголема плата и бенифиции за ноќна работа. Според, Мазнева токму тие ја блокираат работата на претпријатието, а дел од нив не доаѓале на работа, иако биле запишувани дека работеле.

Директорката вели дека целта е да стави ред во работата на претпријатието, а во тоа како што додава никој нема да ја спречи.

„Нема да дозволам Комунална хигиена Скопје, како и сите граѓани во Градот Скопје да бидат заложници на овие политички насилници. Исто така морам да напоименам дека сите закани кои што се однесуваат на мојот живот и животот на останатите вработени се уредно пријавени во МВР и очекувам брза реакција“, додава Косана Мазнева.

Мазнева на директорската функција во ова претпријатие е една година, поточно од јули 2022. Тогаш градоначалничката Данела Арсовска реши да го разреши Зуди Енузи, поради инцидетот кај споменикот „Скендербег“ кога неговиот брат пукаше со пиштол за време на протестите организирани против „Францускиот предлог“ за спорот со Бугарија.