Закажана, па одложена собраниската комисија за АНБ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Седницата на Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност која беше закажана за 11 часот е одложена. Со седницата требаше да раководи Славјанка Петровска откако претседателот на Комисијата Скендер Реџепи одби да ја закаже поради тоа што нема безбедносен сертификат.

-Денешната седница не беше одложена, беше поништена бидејќи е противделовничка и нормално седница ќе свикам јас кога за такво нешто ќе има барање. Жалосно е што станавме банана држава во која секој секого прислушува и истовремено секој знае дека секој секого го прислушува. Како може премиер да има такви информации дека е прислушуван кога се знае дека државните безбедносни служби класифицираните информации се знае по кој ред на законот се изнесуваат во јавноста. Затоа јас нема да бидам дел од еден ваков скандал и јас ќе постапувам само согласно Деловникот, изјави Скендер Реџепи, претседател на Комисијата за надзор над АНБ.

Реагираа и од опозициската СДСМ од каде обвинуваат дека премиерот Мицкоски се плаши од декласификација на документите.

-Зошто после речиси една недела од објавувањето на наводите за следење на Христијан Мицкоски ниту директорот на Агенцијата за национална безбедност Бојан Христовски, ниту премиерот Христијан Мицкоски не ја отпочнаа процедурата за декласификација на документите кои би ги докажале наводите на власта. Зошто самиот тој не побара декласификација на документацијата од Агенцијата за национална безбедност во која наводно бил следен. Од што се плаши Христијан Мицкоски? – изјави Богданка Кузеска, портпарол на СДСМ.

Пратеникот Љупчо Пренџов кој е и член на Комисијата не отстапува од идејата седницата да биде свикана денеска во било кое време и веќе на 9-ти септември да бидат во АНБ. Вели за него е техничка работа кој ќе ја води комисијата.

-Јас сум за кога, тоа да биде многу побрзо пратениците во Комисијата ќе отидат во Агенцијата. Тоа го очекуваат граѓаните од нас. Граѓаните не ги интересира по која точка член или запирка ние ќе отидеме во АНБ, ги интересира ние да отидеме во АНБ. Затоа јас велам денес дали ќе има седница во 12, вечер во 6 или на полноќ ние сме тука, седница треба да има со цел да си ја оствариме задачата за која што постоиме. Суштината е дали ние на 9-ти во 9 наутро ќе имаме надзорна расправа во рамки на Агенцијата, изјави Љупчо Пренџов од ВМРО-ДПМНЕ.

Од ВМРО-ДПМНЕ воедно го повикаа Јавното обвинителство да покрена истрага за следењето и прислушувањето, затоа што, како што рекоа, одговорност за извршителите и наредбодавачите мора да има.