Американската и украинската делегација ја продолжија работата, и наскоро треба да се состанат.
Ова го објави претседателот Володимир Зеленски на Специјалниот европски совет.
„Украина не само што е подготвена да ги преземе неопходните чекори за мир, туку и ние предлагаме кои се тие чекори“, вели Зеленски од Брисел, изразувајќи надеж за „смислен“ дијалог со американските власти.
Џеки Хајнрих, дописник на „Фокс њуз“ од Белата куќа, на своите социјални мрежи откри дека разговорите се закажани за 11 март.
Во американската делегација, наводно, ќе бидат и пратеникот на американскиот претседател Доналд Трамп за Блискиот исток Стив Виткоф, државниот секретар Марко Рубио и советникот за национална безбедност Мајк Волц.
Најавата дојде откако тензиите меѓу Киев и Вашингтон се зголемија по жестокиот судир минатиот петок во Овалната соба меѓу Зеленски, Трамп и американскиот потпретседател Џеј Ди Венс.
Спорот го наруши планираниот билатерален договор за природните ресурси на Украина и доведе до тоа Трамп да ја замрзне сета воена помош и размена на разузнавачки информации со Украина.
