Управниот суд решава дали 30 – тина компании ќе треба да платат глоба затоа што не го почитувале Законот за спречување нефер трговски практики. Толку казни изрекла Комисијата за заштита на конкуренцијата, но овие решенија се оспорени пред надлежниот суд. Според заменик министерот за економија Марјан Ристески, се повеќе компании пријавуваат дека трговците го кршат Законот, со што нереално се зголемуваат крајните цени во маркерите, а ги плаќаатграѓаните.
„Во овој период имаме многу повеќе пријави од страна на добавувачите кои што многу повеќе се охрабрени отколку од почетокот кога почна и стартуваше Законот за нефер трговски практики. Очекувам дека во иднина ќе имаме уште повеќе вакви храбри добавувачи кои што навистина се уценети од некои од трговците.“, рече Ристески.

Во случај да бидат потврдени казните од страна на Управниот суд, компаниите максимумот што ќе го платат ќе биде 20.000 евра, во денарска противвредност. Затоа, од наредната година ќе има законски измени каде што оваа глоба ќе се зголеми за 10 пати односно на 200.000 евра. Инаку, во моментов се очекува и одлуката на Антимонополска за четирите компании кои преку Сојузот на стопански комори картелски се здружија. Новиот претседател на оваа Комора, вели дека тие веќе ја платиле помалата казна од две илјади евра и ја чекаат големата казна заедно со четирите фирми, при што истакна дека ова незаконско работење беше причина за смена на претходното раководство.
„Тоа е дел од причината поради која што имаше расчистување во нашата Комора, односно поради која што сум јас тука веќе скоро два месецнов претседател на Сојузот на стопански комори.“, вели Горан Ѓорѓиевски.
Заменик министерот Ристески, им порача на маркетите да работата законски и да не се обидуваат да ги подигнат цените пред новогодишните празници. Нови мерки за ограничување на маржите и на цените нема да има, но ќе ги контролира Државниот пазарен инспекторат.
„Оваа година имаат направено рекордни над 20.000 инспекциски надзори во сите субјекти на целата територија на Република Македонија…“, вели Ристески.
Од казните Пазарна наплатила 2,5 милини евра и тоа за непочитување на законите во нивна надлежност, но и поради непазарно однесување на одредени трговци и маркети кои си ги дигале цените по свое, а не според законите.
