Спроведувањето на законите и борбата против корупцијата останува на ниско ниво во Северна Македонија, се вели во извештајот на Стејт департманот за климата за инвестирање во државата за 2021 година. Всушност овој извештај повеќе не е на нивната официјална страница. Тоа што може да се цитира е од текстот на Гласот на Америка. Линкот кој се наоѓа на крајот на текстот, кој треба да го отвори извештајот, веќе не содржи ништо. Сепак во текстот директно се цитира извештајот.
„Многу бизниси кои работат во Северна Македонија, вклучително и некои американски бизниси, ја идентификуваа корупцијата како проблем во владините тендери и во судството. Ниту една локална фирма или непрофитна група не обезбедува услуги за проверка на потенцијални локални партнери за инвестиции. Странските компании често ангажираат локални адвокати, кои имаат познавање на локалните индустриски сектори и пристап до Централниот регистар и деловните здруженија, кои можат да обезбедат финансиски и позадински информации за локалните бизниси и потенцијалните партнери“, се вели во извештајот.
Според вицепремиерот за борба против корупција, Љупчо Николовски, секоја забелешка на меѓународните институции е добродојдена за изградба на владините политики. Додава дека детектираните слабости се решаваат преку мерките кои се дел од Планот за борба против корупција, а преку кој во моментов се работи на подобрување на Законот за јавни набавки.
„Преку Планот за борба против корупцијата ја зајакнуваме отворената комкуникација со граѓаните. Во тој контекст сите институции ги задолживме на своите веб страни да објавуваат Годишна антикорупциска програма, Интерни процедури за јавни набавки и лице за внатрешно пријавување. Во исто време ја јакнеме и алатката за отчетност преку која ги ставаме на располагање сите информации поврзани со работата и трошењата на функционерите“, велат од Кабинетот на Љупчо Николовски.
За раководителот на Центарот за цивилни комукинации, Герман Филков, ова е сигнал дека во фокусот на напорите против корупција треба да бидат и јавните набавки и судството.
Во извештајот, како што пренесува Гласот на Америка, пишува дека водењето бизнис е генерално лесно во Северна Македонија, и правната рамка во голема мера е во согласност со меѓународните стандарди, но корупцијата е постојан проблем.
Во врска со ова со реакција излезе АА-ААА, кои велат дека „ Оваа горчлива реалност доаѓа како резултат на раководењето на земјата од страна на корумпирани функционери и од претходните влади кои што продолжуваат со применување на истите методи на работење.
„Ова исто така докажува дека во Северна Македонија не се проблем законите, туку спроведувачите на законот. Тоа докажува дека проблемите со криминалот, корупцијата и стагнацијата на државата не се решаваат со законски реформи, туку со промена на структурата на владеење со државата, која што ги има заробено институциите воопшто и судството особено“, велат од АА-ААА.
Во извештајот, според тоа што го пренесува Гласот на Америка, се спомнува и електронскиот систем за јавни набавки со цел поголема транспарентност, но се вели дека Владата не бара приватните компании да воспостават внатрешни кодекси на однесување со кои се забранува поткуп на јавни службеници. Според извештајот, Владата општо ги спроведува законите, но има и бројни извештаи дека службени лица се вклучени во коруптивни дејствија. Во извештајот, како што пренесува Гласот на Америка, се наведува дека имало кредибилни обвинувања за корупција во полицијата, судството и многу други сектори. Се спомнува и Комисијата за спечување на корупција, каде се вели дека по законските измени е поактивна и дека отворила неколку истраги поврзани со корупција на високи функционери.
