Критики за транспарентноста на предлог-законот за Скопје – Европска престолнина на културата 2028, Собранието ќе го разгледува по летните одмори

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Предлог-законот „Скопје – европска престолнина на културата 2028“ беше отстранет од денешниот дневен ред на седницата на Собранието. Одлуката дојде по вонредна координација меѓу претседателот на Собранието и координаторите на пратеничките групи, откако претходно пратениците од опозицијата го блокираа утврдувањето на дневниот ред со процедурални забелешки. Според договорот, се очекува законот да се дискутира на нова седница по летниот одмор на пратениците. Негов предлагач е пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Во меѓувреме, Платформата на граѓански организации против корупција побара да се запре донесувањето на законот, спротивставувајќи се на скратената постапка и можноста Фондацијата „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“ да биде исклучена од Законот за јавни набавки. Платформата и Комисијата за борба против корупцијата оценуваат дека за проект со значителни јавни средства, потребна е поголема транспарентност, отчетност и јасни механизми против злоупотреба.

Критики дојдоа и од опозициската СДСМ. „За жал, престижната титула ЕПК Скопје 2028 за ВМРО ОКГ стана нов начин на перење пари. Криминалната организација ВМРО повторно се обидува да протне закон со кој ќе ги заобиколи правилата за јавни набавки и ќе отвори простор за нови милионски тендери без контрола. Подготвиле закон со кој 21 милион евра јавни пари ќе можат да се трошат без примена на Законот за јавните набавки, без тендер.“, изјави Бисера Костадиновска Стојчевска, пратеничка на СДСМ.