Законот за правична и соодветна застапеност сè уште го нема никаде. Предлагачите на овој предлог-закон се првиот вицепремиер, Изет Меџити и вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи, но јавноста не знае кои се работните групи кои го подготвуваат. Одговорите се речиси исти во последните 6 месеци, дека овој закон е на завршна фаза.
-Сега веќе е на речиси финалната верзија и мислам дека во прашање се денови кога ќе поминеме во Владата, ќе биде испратено на мислење во Венецијанската комисија и ќе го вратиме во собраниска процедура. Во меѓувреме, како што настана проблемот со Балансерот, додека законот да биде валиден со конечната верзија, имаме политички договор да се почитува правична и соодветна застапеност и без Балансерот и без соодветниот Закон во овој период, изјави првиот вицепремиер, Изет Меџити.
Од друга страна, Фетаи нагласи дека оваа недела се очекува да се одржат последниот состанок на ниво на експертска група.
-Во завршна фаза сме на консултациите во рамките на коалицијата, во рамките на работната група, но не можеме да одредеме рокови. Мора да се најде одржливо решение кое ни овозможува уставното начело на правична и соодветна застапеност да го претвориме во законска обврска. Имаме дискусии, речиси секојдневно, во тимот што го подготвува и финализира овој предлог закон. Оваа недела се надевам дека ќе ја имаме последната средба на ниво на експертска група и потоа ќе излеземе заедно со премиерот Мицкоски и ќе го промовираме во јавноста, изјави вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи.
Законот за правична и соодветна застапеност се очекува да биде правна рамка за еднакви права на етничките заедници во јавните и државните институции. Потребата од овој нов закон се појави откако Уставниот суд го укина Балансерот. Балансерот беше создаден врз основа на Охридскиот рамковен договор од 2001 година, кој сите овие години беше методологија за вработување по етничка припадност во јавната администрација, полицијата, армијата, образованието и другите државни институции.