Запленети околу два тона небезбедно месо, ќе бидат уништени во „Дрисла“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Околу два тона небезбедно свежо и замрзнато месо, како и производи од месо, биле запленети вчера при вонредни инспекциски контроли во малопродажни објекти на територијата на Општина Радовиш. Според најавите на надлежните, запленетите производи денеска ќе бидат уништени на депонијата „Дрисла“.

Контролите ги спровела Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), која вчера извршила инспекција и кај физичко лице во неготинското село Пепелиште. Лицето неовластено произведувало чадени месни производи и прженици, кои ги продавало преку социјалните мрежи.

Од лицето биле запленети 50 килограми месни производи, меѓу кои чадено месо и чадена сланина.

Според АХВ, производите немале декларација за потеклото и биле чувани и обработувани во несоодветни и нехигиенски услови, што претставувало сериозен ризик за безбедноста на храната и здравјето на потрошувачите.

Агенцијата најавува дека инспекциските контроли ќе продолжат со цел заштита на здравјето на граѓаните и спречување на незаконското производство и прометот со небезбедна храна.