Започна откупот на тутунот во Прилеп, производителите бараат повисоки цени

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Комбинатот за тутун во Прилеп, на 34 откупни пунктови, започна со откуп на тутунот од овогодинешното производство. Комбинатот ќе им плаќа на тутунопроизводителите двапати. Во текот на денот сите реализирани продажби се оценети како прва класа. Продавачите бараат понатамошно зголемување на цената на тутунот.

„Оваа година имаме 1 тон и 300–400 килограми. Тутунот е квалитетен и навремено сушен, собран и навлажнет навреме со системот капка по капка. Сега за цените – треба да бидат повисоки, бидејќи има многу работа и многу трошоци.“, вели еден од продавачите.

„И покрај тоа што започна продажбата, ние сè уште сме во разговори со компаниите и бараме зголемување на цените, и сè додека не се исполнат нашите барања – нема да запреме.“, изјави еден од организаторите.

„Моментално немаме точен надзор како се оценуваат продадените количини, но од она што го слушнав од тутунопроизводителите – тутунот е со добар квалитет и се оценува како прва класа.“

На состанок со директорот на Комбинатот за тутун – Прилеп, Александар Алексовски, вчера беше и министерот за земјоделство Цветан Трипуновски. Тој изјави дека се земени примероци на сите регистрирани откупни пунктови и дека од денес започнува откупот, кој ќе продолжи согласно законските рокови.

„Оваа година имаме тутун со одличен квалитет, со што се продолжува традицијата на квалитетно производство. Имаме 11% зголемување на површините и на земјоделците пријавени во Комората на надзорниците на тутунот, што значи дека ќе го вратиме ова производство на пиедесталите како што било и порано. Ние како министерство ќе го следиме целиот процес, а и Државниот земјоделски инспекторат како надлежна институција внимателно ќе го следи целиот процес на откуп. Се надевам дека оваа година ќе имаме уште поуспешна откупна сезона.“, рече Трипуновски.

Цените се утврдени: 420 денари за прва класа, 360 за втора и 300 денари за трета класа. Доколку во текот на откупот цените се зголемат, тутунопроизводителите ќе добијат дополнителна исплата.