Министерството за здравство на барање на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) во наредните денови ќе организира бесплатен скрининг за новинари и медиумски работници за КОВИД – 19.
Во последниот период новинарите и медиумските работници кои известуваат на терен за активностите на учесниците во предвремените парламентарни избори, поради зголемениот обем на работа, се дополнително изложени на вирусот КОВИД – 19.
Освен тоа, во ЗНМ беше пријавено дека во дел од националните медиуми има нови позитивни случаи на заразени новинари и медиумски работници, но и колеги кои се сомневаат дека се заразени.
„Скринингот почна од вчера и секојдневно на Институтот за имунологија доаѓаат организирано групи на новинари од различни редакции. Во оваа прва фаза на скринингот, прво ќе се тестираат поголемите редакции каде гравитираат поголем број на луѓе со цел да се спречи понатамошното ширење. Така што во овој прв круг влегоа националните поголеми телевизии. Сите редакции можат посебно да се јават на бројот кој што ние им го доставивме како здружение на новинари. Да се јават и да организираат дадум и термин кога да го направат скринингот“, истакна за ТВ21 Младен Чадиковски.
