Започна скринингот на новинари, во прва фаза над 500 новинари ќе се тестираат за коронавирус

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Започна скринингот за новинари и медиумски работници за Ковид 19. По медицинските работници и полицијата, и тие се најдоа во првите борбени редови против пандемијата со короната. Со секојдненото известување на терен тие се дополнително изложени на ризикот да бидат заразени со вирусот. На барање на Здружението на новинари на Македонија, Министерството за здравство организира бесплатен скрининг за новинари и медиумски работници.

„Скринингот почна од вчера и секојдневно на Институтот за имунологија доаѓаат организирано групи на новинари од различни редакции. Во оваа прва фаза на скринингот, прво ќе се тестираат поголемите редакции каде гравитираат поголем број на луѓе со цел да се спречи понатамошното ширење. Така што во овој прв круг влегоа националните поголеми телевизии. Сите редакции можат посебно да се јават на бројот кој што ние им го доставивме како здружение на новинари. Да се јават и да организираат дадум и термин кога да го направат скринингот.“, рече Младен Чадиковски од ЗНМ.

Чадиковски вели дека дел од националните медиуми пријавиле во ЗНМ дека има нови позитивни случаи на заразени новинари и медиумски работници, но и колеги кои се сомневаат дека се заразени. Од Министерството за здравство пак велат дека одлуката за тоа кои и колку новинари и медиумски работници ќе се тестираат, ја носат самите медиумски куќи.

„Беше оставено на самите медиумски куќи согласно ризикот, движењето и контактите со луѓето да направат селекција на новинари кои ќе бидат дел од овој скрининг. Апсолутно нема никакво ограниќување. Се определи само одреден број за да не се преоптерети системот во зимање на материјал и анализа и ќе трае додека не се заврши скринингот.“, изјави Филипче.

Скринингот ќе се спроведе во два круга, а ќе бидат опфатени минимум 500 новинари и медиумски работници. Во првиот круг ќе бидат опфатени поголемите медиуми, а помалите редакции и дописници останува да се тестираат наредната недела или по изборите. До сега двајца медиумски работници во Македонија ја загубија битката со корона вирусот.