Започна уредувањето на коритото на Сува Река во Сарај – обезбедени 6 милиони евра, треба да заврши за три години

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Започнаа работите за уредување на коритото на Сува Река во Општина Сарај, проект кој има за цел да го намали ризикот од поплави и да ја зголеми безбедноста на жителите.

Активностите започнаа од влезот на селото Глумово и продолжуваат до Бојане, со вкупна должина од 12 километри.

Почетокот на работите одблизу го следеше премиерот Христијан Мицкоски, кој им се заблагодари на жителите за трпението и рече дека реализацијата на овој проект е резултат на институционална соработка.

„Би сакал исто така да му се заблагодарам на градоначалникот на Чаир, копретседателот на ВЛЕН, кој, кога беше министер за животна средина и просторно планирање, практично го започна овој проект, кој денес станува реалност. Им благодарам на пратениците од Сарај кои се борат за повеќе проекти во општина Сарај и верувам дека овој вид тимска соработка носи повеќе проекти и подобри резултати. Само на овој начин можеме да го постигнеме она што граѓаните го очекуваат од нас политичарите“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Министерот за животна средина и просторно планирање, Мухамет Хоџа, информираше дека за проектот се обезбедени 6 милиони евра, а работите се очекува да завршат во рок од три години. Според него, станува збор за капитална инвестиција ветувана со децении, која сега влезе во фаза на реализација.

„Денес го означуваме почетокот на реализацијата на еден капитален проект, односно почнувајќи од селото Глумово до влезот во селото Бојане, односно проект кој опфаќа вкупно 12 километри уредување на коритото на Сувата Река. Проект кој, можеме да кажеме, беше ветуван со децении, денес го правиме реалност, а Министерството за животна средина и просторно планирање од 2025 година започна, во времето кога со министерството раководеше господинот Меџити“, изјави министерот за животна средина и просторно планирање, Мухамет Хоџа.

Градоначалникот на Општина Сарај, Мухамет Елмази, го оцени проектот како историска инвестиција за општината. Рече дека уредувањето на коритото на реката ќе стави крај на долгогодишните проблеми со поплавите, заштитувајќи ги жителите, нивниот имот и земјоделското земјиште.

„Со години жителите на селата долж ова корито живееја под постојана закана од поплави, гледаа како нивните земјишта се оштетуваат, куќите се доведуваат во опасност и безбедноста на нивните семејства се доведуваше во прашање во секоја сезона на врнежи. Денес ова поглавје на загриженост се затвора“, вели градоначалникот на Општина Сарај, Мухамет Елмази.

Инаку, проектот предвидува продбалочување на коритото, изградба на камени заштитни ѕидови и уредување на бреговите со бетонски плочи.