Во Институтот за судска медицина и криминалистика заврши обдукцијата на телата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски од Велес. Но, извештајот кој се очекува да ја расветли истрагата и да ги утврди причините за нивната смрт, се уште не е готов и не е доставен до Обвинителството.
Кривичниот суд му одреди мерка притвор во траење од 48 часа на таткото на Вања, кој се смета како еден од петтемина осомничени. Откако поминал 24 часа во станица, тој синоќа бил префрлен во истражниот затвор. Во врска со првоосомничениот, кој е во бегство, Љупчо Палевски, МВР распиша меѓународна потерница.
„Љупчо Палевски роден на 12.12.1964 година во Скопје. Се бара со меѓународна потерница за истрага за кривични дела грабнување и убиство по издадена наредба XV KO бр 3047/23 од Основното јавно обвинителство Скопје“, стои во потерницата на МВР.
На Палевски, познат по прекарот Палчо, од скопскиот Кривичен суд му е одредена мерка притвор во траење од 30 дена, кој ќе биде спроведен откако ќе биде пронајден и лишен од слобода. За четворицата осомничени за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска се очекува истражна наредба и предлог за притвор од 30 дена.
Прашан за ситуацијата, премиерот Димитар Ковачески не сакаше да ја коментира истрагата која се уште е во тек, но апелираше ситуацијата да не се користи за политички поени или за поттикнување меѓуетничка омраза.
Телата на Вања и Панче се пронајдени во близина на Скопје и Велес. Претходно и двајцата беа пријавени за исчезнати во полиција. Според МВР и Обвинителството, двајцата не се познавале, но истите лица се осомничени за нивното киднапирање и убиство.
