Заврши рочиштето за убиството на Вања и Панче – следното е закажано за 25-ти ноември

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Заврши денешното рочиште за убиството на 14 годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежоски.

Следното рочиште е закажано за 25-ти ноември каде сведоци се Игор Јанушев, Зоран Аваз и Љупчо Мицевски.

Денеска сведоци беа Ерол Османи, Ламбе Бучков и Стефан Димковски

Прв во судница сведочеше Ерол Османи, кој рече дека го познава Љупчо Палевски од 2000-тите години, кога му помагал во издавањето на весникот „Глобал“. Тој објасни дека бил повикан да помогне со техничките аспекти, бидејќи структурата на весникот била сложена.

Тој требало да оди кај Османи на средба.

„На 27-ми ми јави дека ќе дојде на 28-ми и тогаш дојде“, рече Османи, додавајќи дека Палевски му рекол дека бил настинат и не можел да дојде на 27-ми. Османи забележал дека возачката врата на автомобилот на Палевски била удрена, но не го прашал за тоа. Тие комуницирале преку телефон и Facebook Messenger.

Османи не знаел дека Палевски планирал патување за лекување, иако знаел дека имал проблеми со кичмата. Во однос на оружје, Османи не забележал дека Палевски носел оружје.

Ламбе Бучков, пријател на Палевски, сведочеше дека Палевски му должи 15.000 евра. Бучков изјави дека Палевски му раскажал дека поседува повеќе пиштоли, но тој не ги видел. Кога полицијата почнала да го бара Палевски, Бучков се јавил во полиција, но не добил одговор.

„Палевски ми кажа дека им дал на инспекторите сè што побарале, вклучувајќи го и пикапот“, рече Бучков, додавајќи дека полицијата го барала пикапот поради врска со исчезнато девојче.

Стефан Димковски, кој го возел Палевски од Белград за Турција, изјави дека тие комуницирале преку Telegram и WhatsApp. На 1-ви декември, Палевски му се јавил и му побарал да го земе од Белград, бидејќи бил на преглед. Димковски потврдил дека се сретнал со Палевски во Белград и го носел назад во Скопје, но по пат промениле планови и отишле во Турција.

„Палевски ми рече дека мора да оди на преглед за кичмата во Турција, бидејќи немало летови од Скопје“, додаде Димковски. Тие не се сретнале со никого во Ниш, но Палевски му рекол дека има две опции – да се врати во Белград или да продолжат за Турција.

Кога стигнале во Турција, се сместиле во куќа, а Палевски платил 150 евра за три месеци. На 3-ти декември, Димковски се вратил во Македонија, а Палевски останал во Турција. Димковски забележал дека Палевски носел торба со камери и планирал да снима подкаст.

„Палевски ми рече дека беше информиран за претреси и уапсени лица, но не ми кажа точно што се случувало со девојчето“, рече Димковски.