Зеленски денеска пристигнува во посета на Шпанија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателот на Украина Володимир Зеленски денеска пристигнува во посета на Шпанија. Ова го соопшти шпанската влада, пренесе Франс прес.

Зеленски денеска во Мадрид ќе има средба со шпанскиот премиер Педро Санчез. Потоа двајцата лидери ќе одржат прес-конференција. Потоа Зеленски ќе биде примен и од шпанскиот крал Фелипе Шести, соопштија од шпанската кралска палата.

Ова е прва официјална посета на украинскиот лидер на Шпанија откако дојде на власт во 2019 година.

Минатата среда Санчез им рече на шпанските пратеници дека меѓу Украина и Шпанија ќе биде потпишан билатерален договор за соработка. Украина веќе има склучено слични договори со Германија, Франција, Италија и други земји.

Санчез објасни дека договорот ќе ја зајакне економската, социјалната и институционалната соработка меѓу двете земји. Според „Паис“ сепак договорот ќе биде во областа на одбраната.

Зеленски требаше да го посети Мадрид во средината на мај, но потоа ја откажа посетата поради новата руска офанзива во северна Украина.