Зеленски: Ќе учествувам во преговорите само ако се појави Путин

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Украинскиот претседател Володомир Зеленски пред одржување на преговорите со Русија, кажа дека нема да разговара со ниту еден руски претставник, освен со претседателот Владимир Путин.

Зеленски кажа дека ќе отпатува во Турција, откако американскиот претседател Доналд Трамп иницираше средба со Путин. Рускиот лидер во четвртокот предложи директни преговори меѓу Москва и Киев во Турција.

Засега нема одговор од Русија дали Путин ќе замине во Турција, а Вашингтон Пост објавува дека претставник од Русија ќе биде министерот за надворешни работи Сергеј Лавров.

На прашањето од Си-Ен-Ен за целите на можниот состанок – самит на кој Путин сè уште не се согласил да присуствува и покрај тоа што самиот го предложил – Зеленски рече дека сè освен договор за прекин на огнот би било неуспех, додавајќи дека не размислува на средба со други руски челници освен со претседателот Путин.

„Реков дека одам во Турција и дека сум подготвен да се сретнам со Путин. Тој е оној кој одлучува за Русија и кој може да го реши прашањето за војната. Ова е негова војна, и затоа преговорите мора да бидат со него“, рече Зеленски, кој кажа дека исто така му понудил на Трамп да се придружи на состанокот.