Украинскиот претседател Володимир Зеленски одлучи да испрати украинска делегација во Истанбул, потврди за Си-Ен-Ен извор запознаен со ситуацијата.
Зеленски нема да се појави лично на состанокот, откако рускиот претседател Владимир Путин одлучи да не дојде во Турција.
За време на денешната прес-конференција во Анкара, украинскиот претседател Володимир Зеленски му се заблагодари на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за средбата и изјави дека Турција јасно го признава Крим како дел од Украина.
„Тоа е многу важен сигнал и знак за политичка поддршка“, рече Зеленски.
Крим е клучна точка во сите разговори за завршување на војната. Русија нелегално го анектираше полуостровот во 2014 година, а Киев неуморно нагласува дека формалното откажување од Крим е неприфатливо и неуставно.
Зеленски, исто така, објави дека украинската делегација на денешните разговори во Истанбул ќе ја предводи украинскиот министер за одбрана.
Тој додаде дека состанокот ќе има формат на квадрилатерални консултации со присуство на претставници на Турција, Украина, САД и Русија.
Зеленски потврди дека ќе се одржи состанок на делегации од Русија, Украина, САД и Турција, но повторно ја обвини Москва дека не пристапува „сериозно“ кон мировните преговори.
Тој рече дека предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп бил да се водат преговори на ниво на државни лидери, но дека Русија испратила „делегација од понизок ранг“ во Турција, што, според него, покажува недостаток на вистинска волја за постигнување договор.
Тој тврдеше дека одлучил да испрати делегација да преговара со Русите „од почит кон претседателите Трамп и Ердоган“.
