Украинскиот претседател Володимир Зеленски не ја исклучува можноста за директна средба со рускиот претседател Владимир Путин, доколку двајцата бидат поканети на претстојниот самит на Г20 во Мајами во декември.
Во интервју за „Дојче веле“, Зеленски беше прашан дали би седнал на иста маса со Путин доколку двајцата добијат покана за самитот. Тој одговори потврдно.
„Да, секако. Мора да дојдеме. Мора да се сретнеме, да разговараме и да донесуваме одлуки“, изјави Зеленски.
Тој нагласи дека евентуалната средба би имала смисла само доколку донесе конкретен резултат, а не доколку остане на ниво на разговори и размена на ставови.
„Не се работи за зборови. Што ќе му кажам јас или што сака да ми каже, не е важно. Важен е само резултатот“, рече украинскиот претседател.
Изјавата на Зеленски доаѓа во период на интензивирање на дипломатските напори за постигнување прекин на војната меѓу Русија и Украина. Американските преговарачи Стив Виткоф и Џаред Кушнер во текот на минатиот викенд ги посетија Москва и Киев, со цел да се придвижат разговорите за прекин на конфликтот.
Зеленски нивната посета ја оцени како „добар сигнал“, посочувајќи дека е важно американските претставници да разговараат со двете страни.
Во меѓувреме, минатата недела телефонски разговараа рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп. Од Кремљ разговорот беше оценет како „исклучително отворен“ и конструктивен.
Соединетите Американски Држави годинава претседаваат со Г20, која ги опфаќа 19-те најголеми економии во светот, Европската Унија и Африканската Унија.
Руски претставници во последниот период продолжуваат да учествуваат на состаноци поврзани со Г20, и покрај противењето од дел од европските сојузници на Украина.
