Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес изјави дека Русија синоќа извршила најголем напад со беспилотни летала врз неговата земја и дека тоа покажува потреба од строги санкции против Москва и дополнителни казнени мерки против рускиот нафтен сектор.
„Ова е значаен напад – и доаѓа во време кога се вложуваат толку многу напори за постигнување мир, за воспоставување прекин на огнот, а сепак, само Русија продолжува да ги отфрла сите овие напори. Ова е уште еден доказ за потребата од санкции – строги санкции против нафтата, која ја финансира воената машинерија на Москва повеќе од три години војна“, напиша Зеленски на мрежата X.
Тој додаде дека се потребни дополнителни санкции против оние кои ја купуваат таа нафта и со тоа „го спонзорираат убивањето“.
„Нашите партнери знаат како да извршат притисок на начин што ќе ја принуди Русија да размислува за прекин на војната, а не за извршување нови напади. Секој што сака мир мора да дејствува“, рече украинскиот претседател.
