Унгарскиот премиер Виктор Орбан остро одговори на изјавите на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој во едно интервју го обвини дека го „поддржува Путин“ со блокирање на преговорите за пристапување на Украина во Европската унија.
Зеленски рече дека нема намера да понуди отстапки на Будимпешта, на што Орбан одговори дека Украина не ја брани Унгарија и дека Будимпешта не му должи ништо, пишува Euronews .
Во интервју објавено во вторник, Зеленски тврдеше дека Унгарија треба да ја поддржи одбраната на Европа од страна на Украина, наместо да бара отстапки.
„Не мислам дека треба ништо да му понудам на Виктор Орбан“, рече Зеленски.
„Мислам дека Виктор Орбан има што да ѝ понуди на Украина, која ја штити цела Европа од Русија, а дури и сега, за време на оваа војна, не добивме никаква поддршка од него, поддршка за нашата визија за живот“, додаде украинскиот претседател.
Одговорот на Орбан дојде кратко по објавувањето на интервјуто. Унгарскиот премиер го отфрли сугестијата дека неговата земја му должи нешто на Киев.
„Украина не ја брани Унгарија од никого и од ништо. Ние не го побаравме тоа и никогаш нема да го сториме тоа. Безбедноста на Унгарија е загарантирана од нашите национални одбранбени капацитети и НАТО, и за среќа Украина не е членка на НАТО“, рече Орбан.
