Западен Балкан може да стане центар за производство, складирање и споделување на чиста енергија со останатиот дел од Европа, но потребно е регионално поврзување и проекти. Енергетската ефикасност и справувањето со климатските промени се клучни за регионот. Силни пораки од домашните, европските и регионалните креатори на климатски и енергетски политики на Вториот ден од Македонскиот енергетски форум кој што се одржува во Скопје.
–Регионалната соработка во енергетскиот сектор е од клучно значење за Западен Балкан. Тоа е така бидејќи ниту една држава не може самостојно да обезбеди сигурно, достапно, исто така и одржливо снабдување со енергија. Преку интерконекциите и регионалната координација, земјите можат да ја зголемат сигурноста, подобро да ги искористат капацитетите на мрежата, да интегрираат повеќе обновлива енергија и да ги намалат вкупните трошоци на системот, изјави Бурим Љатифи, директор на МЕПСО.
-Не е доволно да има пари, мора да има и проекти. И ние како држава и работиме на тоа. Значи потребна е апликација од јавни средства, приватен капитал и меѓународна поддршка, изјави Мухамед Хоџа, министер за животна средина.
Со Планот за раст Западен Балкан добива 6 милијарди евра, а овој План е важен за евроинтеграциите, порача Орхан Муртезани, советник на премиерот за Реформската агенда. Клучно според него е што првиот столб е забрзување на регионалната интеграција, а вториот е интеграција во единствениот пазар на Европската унија.
–Реформската агенда за Северна Македонија опфаќа 136 чекори и 750 милиони евра за период 2024-2027 година. Во овој случај, најважниот столб на нашата рефромска агенда секако дека е енергетиката, зелена транзиција, со вкупен износ од 145 милиони евра, изјави Орхан Муртезани, советник на премиерот за реформската агенда.
Создавањето на нови извори на енергија и нивното чување е едно од големите прашања за Македонија. Реформите, енергетиката, климата, здравјето економијата сите се поврзани со процесот на приближување кон Европската унија- порачаа амбасадорите.
-Северна Македонија има еден голем предизвик и тоа не важи само за темата енергетика, клима и животна средина, но и за реформските просеци, за како да се оди понатаму, а тоа е јавната администрација, изградба на капацитети и зголемување на ефикасноста на јавната администрација,мислам дека тоа е круцијално. Реформите, енергетиката, климата, здравјето економијата сите се поврзани со процесот на приближување кон Европската унија, изјави Мартин Памер, амбасадор на Австрија во земјава.
-Северна Македонија е преубава земја, има природа што го одзема здивот и ужасен воздух, вклучувајќи во зимата. Засилување на енергетската ефикасност, на климатските прашања, на намалувањето на потрошувачката на енергија, изјави Ола Солстром, амбасадор на Кралството Шведска во земјава.
Од форумот треба да произлезат и заклучоци кои се очекува да влијаат на регионалниот придонес во глобалните разговори за климатска акција, енергетска транзиција и одржлив економски развој.
