Три лица се полесно повредени и предизвикана е материјална штета во земјотресот со јачина од 5.6 степени според Рихтер, што кусо пред три часот по полноќ се случи во близина на грчкиот град Парга, а бил почувствуван по поширокиот регион на Епир, јави дописничката на МИА од Атина.
Епицентарот на земјотресот регистриран во 2.49 часот по локално време, бил 14 километри североисточно од Парга, а од рано утрово на терен се регистрира штетата.
Според локалните медиуми, повредените лица, биле префрлени во болницата во Јанина, а предизвикана е штета на домови, објекти и патната мрежа.
Три часа претходно, во 23.38 часот, беше регистриран уште еден земјотрес со јачина од 4.3 степени според Рихтер, со речиси идентичен епицентар.
Парга е познато туристичко место, и град во кој многу македонци го минуваат летниот одмор.
