Во изминатото деноноќие, околу 14.000 патници ја преминале македонската граница на граничниот премин Богородица на пат кон Грција, информираат од Министерство за внатрешни работи. До 10 часот утринава, околу 3.000 македонски државјани излегле од државата преку овој премин, додека останатите 11.000 се странски државјани.
Од македонска страна не се евидентирани поголеми застои на граничните премини кон Грција, при што од МВР посочуваат дека се ангажирани сите расположливи човечки и технички капацитети со цел побрз проток на патници и ефикасно спроведување на граничните контроли.
Сепак, граѓаните на социјалните мрежи споделуваат различни искуства – дел од нив минуваат без задржување, додека други пријавуваат чекање до еден час, особено кај автобусите.
Токму автобусите се посочуваат како најкритична точка, со оглед дека утрово биле забележани во голем број на преминот. Зголемениот интензитет на сообраќај се поврзува со продолжениот празничен викенд, но и со новите правила на Европска унија, односно системот за влез/излез (ЕЕС), кој започна со примена на 10 април.
Во однос на можноста за олеснување на процедурите, портпаролот на грчката Влада изјави дека ЕЕС регулативата им овозможува на земјите-членки флексибилност во справувањето со зголемен притисок на границите. Како што беше посочено, Грција ќе ја следи состојбата и ќе презема соодветни мерки за поефикасно опслужување на патниците, во согласност со важечките правила.
