Зголемена побарувачката на огревно дрво, а со тоа и цената. Ако едно семејство минатата година купило 6 метри кубни дрва за греење, годинава бара дупло, односно 12 метри кубни, вели директорот на „Македонски шуми“, Валентин Груевски. Според него зголемувањето на побарувачката се должи на поскапувањето на останатите енергенси за греење и на цената на секој друг производ. Ако лани низ приватните депоа еден метар кубен огревно дрво се продаваше од 3000 до 3500, годинава цената достигнува до 4700-5000 денари.

Груевски додава дека кај нив цената на дрвата не се променила уште од 2009 година.
Од друга страна пак, граѓаните се жалат на недостиг на огревно дрво, но Груевски уверува дека има доволно количество за снабдување на населението.
Се сомнева дека некои трговци прават манипулации, односно претставуваат дека нема доволно дрва, со цел во зимската сезона да ги продадат по уште повисока цена. Во врска со ова е запознаена и Владата. Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, вели дека штом дознал веднаш го задолжил Инспекторатот да излезе на терен и да ја испита состојбата.
Вчера Владата донесе одлука да се забрани извозот на огревно дрво и пелети, а ваквата мерка, Груевски ја оцени како вистинска бидејќи, како што вели, со ова ќе се стабилизира цената на дрвата за греење, ќе се намали стравот од недостиг на дрва, а исто така и ќе им се стави крај на шпекулациите дека „Македонски шуми“ продава огревно дрво во странство.
