Кичево за оваа година го носи епитетот „Град на културата“, но постои незадоволство за тоа како се распределени средствата за финансирање на културните проекти од страна на општината. Албанските здруженија реагираат велејќи дека за нив не е издвоена ниту четвртина од предвидените средства. Тие дури додаваат дека се одбиени проекти на здруженија кои имаат традиција во организирањето културни манифестации.
„Што се однесува до распределбата на буџетот за култура, ние како албански здруженија остро реагираме на ваквата распределба бидејќи само 16% се издвоени за албанската култура, а се оправдуваат со тоа дека немало проекти.“, вели Наим Зенку.
Градоначалникот на Општината, Александар Јовановски, се оправда со тоа дека за проектите и за буџетот за култура за 2026 година одлучувала комисијата за култура, врз основа на услови и критериуми.
„Постои комисија за култура која функционира секоја година и ги распределува тие средства. Мислам дека тие одлучуваат врз основа на одредени критериуми. Секој кој ги исполнува овие услови. Јас прашав кои се условите и ми рекоа дека се во прашање аспектите дали тоа што се финансира навистина ќе се реализира, бидејќи е важно како ‘Град на културата’ тие навистина да се остварат, бидејќи од тоа граѓаните ќе видат некаков бенефит.“, вели Александар Јовановски.
Вредноста на буџетот за проектите што ќе ги финансира Општината, а кои оваа година треба да ги реализираат избраните здруженија за културни активности, изнесува околу 82 илјади евра.
