ВМРО-ДПМНЕ и денеска продолжија со обвинувањата дека Венко Филипче и Зоран Заев сакале да ја преземат болницата на Жан Митрев. Како што истакна Бране Петрушевски, Филипче и Заев преку својата политичка моќ и државните институции му вршеле притисоци на Жан Митрев за да му ја земат болницата.
„Според изјавите на доктор Жан Митрев, Заев и Филипче рекле дека тие ќе ја одредат вредноста за откуп на уделите во болницата а за возврат ќе му помогнат во судскиот процес. Дали е ова моделот по кој Филипче сака да ја води Македонија доколку повторно дојде на власт. Наместо да поднесе оставка и да ја препушти СДС на чесни и млади луѓе Филипче ја држи фотелјата на Заев и продолжува да работи по негови насоки.“, вели Петрушевски.
Од СДСМ повторно го повикаа Жан Митрев да поднесе пријава во Обвинителството, но велат не го прави тоа затоа што лаже за кое може и кривично да одговара. Порачаа дека нема потреба ВМРО-ДПМНЕ да прави медиумска хајка бидејќи црната кампања и јавен линч на Филипче целосно го разоткриле. Филипче, пак денеска со критики до актуелната власт.
„Жалам што партиите кои што отидоа таму легитимираа една ваква власт навлезена длабоко во корупција, која што ја држат земјата во изолација и на некој начин во медиумски мрак благодарение не кампањите со лажни вести кои што ги прават преку своите медиуми. Мислам дека ниту една политичка партија не треба да даде поддршка на ваква власт, затоа што со оваа власт тендерска коалиција на ДПМНЕ и ЗНАМ Македонија нема иднина“, вели Филипче.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера пак го повика Јавното обвинителство да поведе постапка по допрен глас, а изрази и сомнеж за вмешаност на екс претседателот Стево Пендаровски. Тој пак му врати дека неосновано обвинува и клевети и дека државните институции кои се под негова контрола може да проверат. Инаку, по изјавата на Жан Митрев во која ги обвини Заев и Филипче дека сакале да ја преземат неговата болница, досега нема дадено изјава дали ќе поднесе пријава до Обвинителство, ниту се појавил во јавност.
