Жените од „огнената група“ со критики за недоволниот број жени на раководни позиции

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Албанскиот театар беше збирното место на интегративците кои јавно изразуваат незадоволство од извршната власт, особено за работата на министрите на ДУИ. Овојпат, говор се одржа пред Форумот на жените, но во салата не присуствуваа членовите познати како предводници на „огнената група“ кои бараат поголема демократизација на ДУИ, како што се Изет Меџити, Муса Џафери, Невзат Бејта и Блерим Беџети. Тука беа само Висар Ганиу и Башким Хасани. Претседателката на Форумот, Мукадес Хајдари, се пофали дека жените од редовите на ДУИ собрале многу гласови на терен.

„Сведоци сме дека иако вложивме многу труд да имаме стабилна извршна власт, со тоа што бевме дел од политичкиот терен во седиштето, бевме дел од разни средби каде што имаше потреба, и тогаш кога многу членови од извршната власт не покажаа подготвеност да се соочат со граѓанинот на терен, ние жените бевме тие кои тропнавме на вратата на секој граѓанин“, вели Мукадес Хајдари.

Пратеничката Мерита Коџаџику, се пожали на недоволниот број на жени во Влада.

„Ние сме тие што ја отвораме вратата на секој Албанец, се соочуваме со нив, разговараме и ветуваме. Истото го направивме и на парламентарните избори на 15 јули 2022 година, на кои победивме меѓу другото и поради нашиот безрезервен придонес и тоа во време на пандемија. Нормално, сега се поставува прашањето – што добивме? Добивме владин кабинет составен од вицепремиери, министри и заменици-министри сите мажи кои воопшто не го земаат предвид Форумот на жените“, вели Мерита Коџаџику.

Ваквите ставови наидоа на поддршка и од градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу.

„Токму овие жени, иако се мајки со деца дома, жени кои мораа да ја извршуваат и нивната професија, жени со други семејни обврски, сепак токму тие ни носеа победа една по друга, победи од кои вие, наши министри на ДУИ седите удобно во своите фотелји, заборавајќи ги сите тие госпоѓи и госпоѓици, мајки и сестри кои трчаа за вас“, порача Висар Ганиу.

„Огнената група“ најавува дека и во иднина ќе продолжат средбите со поддржувачите со кои ќе разговараат за нивните ставови и незадоволства.