Данела Арсовска која ја објави својата кандидатура како независен кандидат за Град Скопје на локалните избори во октомври, ќе добие поддршка од новата коалиција ВМРО-ДПМНЕ-Алијанса-Алтернатива. Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ рече дека на Скопје му треба способен и подготвен менаџер.
Претходно генералниот секретар на АА, Арбен Таравари и на Алтернатива, Беким Сали, како и претседателот на огранокот на АА во Чаир, Зуди Кока, остварија средба со Арсовска со што и тие ја потврдија поддршката за Арсовска.
„На средбата се разговараше околу идеите кои ќе бидат дел од програмата за градоначалник, каде беше констатирано дека се потребни квалитетни и ефикасни избори за Скопје и скопјани“, велат од АА-ААА.
Реагираа од СДСМ. Од партијата на Заев велат дека коалицијата ВМРО-ДПМНЕ-АА-ААА е предвреме пропадната.
„Новата коалиција на Христијан Мицкоски, Зијадин Села и Африм Гаши е “Од немај каде” коалиција која е од напред осудена на пропаст и пораз. Соочен со седмиот по ред пораз од народот, Мицкоски е до толку уплашен што промовира коалиција со истите оние кои ги нарекуваше предавници, оние кои според ВМРО-ДПМНЕ „не го признаваат македонскиот идентитет“, вели Стефан Васев.
Веќе се зборува дека кандидат на СДСМ за Скопје ќе биде повторно актуелниот Петре Шилегов кој се очекува да добие поддршка од ДУИ. За прв човек на Скопје ќе се тркаат и Петар Георгиевски, Ана Петровска, Љубомир Јосифовски, а најава на Твитер даде и познатиот скопски адвокат Александар Тортевски.
