Жесток старт на Комисијата за законите за коридорите – Адеми и подари букет цвеќе на Силјановска за нејзиниот роденден

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Жестока дебата во Комисијата за европски прашања каде се расправа за законите потребни за изградба на коридорите 8 и 10Д. Во еден момент Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ без да и се даде збор застана на говорницата и почна да зборува, а претседателот на Комисијата Арбр Адеми постојано ја замолуваше да ја напушти говорницата. Атмосферата делумно се смири и кога Адеми и подари букет цвеќе на пратеничката Гордана Силјановска Дафкова за нејзиниот роденден, на што опозицијата прокоментира дека е подобро со букети отколку да фрла со шолји за кафе.

Дебатата започна со претрес на амандманите на законот за работни односи, поднесени од ВМРО-ДПМНЕ, но целата расправа премина во реплики и контрареплики. Опозициските пратеници повторно со обвинувања дека со европското знаменце на овие закони се крши Уставот и европските конвенции, како и дека со ова се штитат бизнис интереси.

„И сега вие знаете дека со оваа одлука одите наспроти одлуката на Уставен суд, вие знаете дека со овој предлог закон за измени и дополнувања на Законот за работни односи одите наспроти сите конвенции од Европската унија. Останува фактот овие измени и дополнувања на законот се само за нечии бизнис интереси, за бизнис интереси кои што водат лично и непосредно до неизбраниот резервен премиер Ковачевски и Артан Груби“, вели Миле Лефков.

На обвинувањата одговори Даниела Колева од СДСМ која рече дека ВМРО-ДПМНЕ само шири лаги за да го опструира најголемиот проект. Со писмена согласност работниците ќе можат да работат како и досега рече таа.

„Многу лаги манипулации која што свесно ја правите, знаеме зошто за да го опструирате најголемиот проект што следува и ќе се изгради покрај сите ваши опструкции. И сега постои прекувремена работа за клучни и стратешки проекти кои што се од јавен интерес ги носиме овие измени со европско знаменце од причина што имаме наспроти нас не партнер во градењето стратешки проекти туку една деструктивна опозиција која што досега ниту еден стратешки проект не поддржала“, вели Даниела Колева.

Бајрам Кадрија од ДУИ рече дека законите имаат европско знаменце не само да ги заштити законите туку и над милијарда евра пари кои се вложуваат во изградбата на коридорот и дека тие треба да имаат и американско знаменце. На ова повторно со реплика излезе Лефков и обвини за корупција.  

„Позадината е само политичка агенда која доаѓа од вашето седиште, и наредбата треба да се почитува, за да се искористат сите методи да се блокира овој проект. Овие закони треба да добијат и американско знаменце не само европско, бидејќи овој интерес е многу поголем отколку интересот на една политичка партија“, порача Бајрам Кадрија.

„Овие закони не ги носат знамињата на апоените на монетите кои што од вашата Влада ги прифаќаат па сега сакате да кажете дека наместо евра прифаќате и долари. Се мислите дали европско или американско знаме да ставите. Таков ви е овој предлог закон овде и со американско и со европско знаме“, порача Миле Лефков.

По расправата на законите потребни за изградбата на коридорите 8 и 10Д на Комисијата за европски прашања каде дебата трае најмногу 2 дена, потоа тие се враќаат на пленарна собраниска седница на усвојување.