Буџетот на Република Северна Македонија е во добра кондиција и тоа се гледа од тоа како се реализираат приходите и како се реализираат расходите, изјави заменик министерот за финансии Димитар Ковачевски во дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ2.
„Приходите во буџетот за 2021 година се реализираат над проекциите односно над планот кој што беше предложен и исто така нормално се над она што беше остварено во 2020 година. Додека расходите се реализираат редовно и се реализираат дури и предвремено кога се работи за исплата на пензии“, вели Ковачевски.
На ова тврдење, членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Димитриеска – Кочовска му врати на заменик министерот дека имаат 135 милиони евра доспеани обврски.
„Најодговорно тврдиме дека премногу оптимистички се планирани приходите и дека нема да имаме толкава реализација на приходи затоа што сме далеку од заживување на економската активност. Да ги погледнеме месец јануари и февруари во делот на реализирање на приходите, да ги погледнеме и од првиот до петтио месец ќе видиме каква е ситуацијата. Ако навистина имавме добра реализација на приходите ќе имавме навремено и поврат на ДДВ“, рече Димитриеска-Кочоска.
Ковачевски посочи дека власта предвидела мерки, но гледале кочење и „циркус“ од опозициската ВМРО-ДПМНЕ во Собранието.
„Како не предвидуваме мерки? Па петти пакет кои ВМРО-ДПМНЕ ги закочи во Парламент, не можевме да ги донесеме, циркус направивте таму.“, рече Ковачевски.
„Апсолутно не е точно, многу добро знаете каде беа закочени. Апсолутно не е точно, и тоа не можам да го прифатам како такво дека ВМРО ги закочило мерките.“, вели Кочоска.
Кочовска во дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21 обвини дека избришани биле 20 илјади невработени лица од Агенцијата за вработување, за што заменик министерот Ковачевски негираше. Тој додаде дека во кризна година Власта имала 16 милијарди инвестиции.
