Жителите од кратовско кои го блокираа регионалниот пат во село Сакуљица на крстосницата кон селата Вакав и Татомир не отстапуваат од блокадата и најавуваат дека утре ќе го блокираат патот кон Скопје, во знак на протест поради неколкудневниот недостиг на вода за пиење.
Како што информира еден од мештаните, во изминатиот период жителите на селата Вакав, Сакуљица, Татомир, Шопско Рударе и Коњух немаат вода за пиење од градскиот водовод со денови, а како причина го наведуваат наводното пренасочување на водата за потребите на приватниот водовод на Кратово и сопственици на приватни стопански субјекти.
Директорот на претпријатието „Силком“ кое стопанисува со водоснабдувањето во Општина Кратово, Манчо Лампевски, не е достапен на телефон за потврда на наводите од страна на локалното население, додека достапен за информации беше градоначалникот на општината Љупчо Бојаџиев.
– Со водоводот и водоснабдувањето во Општина Кратово стопанисува „Силком“ и уредувањето на таа материја е нивно право и обврска според концесискиот договор кој со одлука на Советот на општината е даден на стопанисување. Јас преку функцијата градоначалник што ја извршувам редовно ги пренесувам барањата од жителите и од овие и од други населби: Железница, Трновац, Таласманце, Вакаф, Сакулица, а начинот на кој менаџираат од „Силком“ го уредуваат тие. Неколкупати од нивна страна бев информиран дека издашноста на изворите е драстично опадната и можноста за полнење на мрежата во повисоките е тешко да се реализира или е невозможна, изјави градоначалникот Бојаџиев.
Околу стотина жители на селата Вакав, Сакуљица, Татомир, Шопско, Рударе и Коњух денеска го блокираа регионалниот пат во селото Сакуљица и не отстапуваат од блокадата сѐ до добивање вода за пиење.
Велат, сточарските и други мали земјоделски фарми страдаат од недостиг на вода што ги доведува на работ на егзистенција и елементарните услови за живот.
Протестот трае од десет часот утрово и, велат, ќе останат на блокадата сѐ додека нема трајно решение за проблемот, а за утре најавуваат и блокада на патот кон Скопје.
