Жителите на Маврово преплашени по земјотресот – мала материјална штета, но селата без вода за пиење

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Една од општините со најразвиен планински туризам во Македонија, Маврово вчера беше епицентар на неколку земјотреси, од кои најсилниот беше со јачина од 5.5 степени. Екипата на ТВ21 денеска ја посети општината, како и неколкуте села кои претрпеа материјална штета.

Градоначалникот на Маврово, Медат Куртовски, вели дека околу 15 куќи претрпеле мала штета од земјотресот, а општината, како што рече, е во процес на формирање Комисија за проценка на штетите.

Жителите на Ростуше, велат дека земјотресот не предизвикал материјална штета. Раскажуваат дека сите излегле на улица во раните утрински часови, кога е почувствуван и најсилниот потрес.

Во селото Никифорово куќите претрпеле поголеми штети. Снимките покажуваат дека старите куќи, односно куќите изградени од кал и камен се оштетени најмногу, додека останатите објекти само испукале.

„Се наоѓаме во селото Леуново во општината Маврово и Ростуше, епицентарот на земјотресите што се случија вчера. Жителите не сакаа да говорат пред камера, но оние што ги сретнавме велат дека преживеале голем страв од потресите. Иако нема голема материјална штета, сепак меѓу мештаните владее голем страв“, вели репортерот на ТВ21.

Жителите од Леуново раскажаа за земјотресот и велат дека сѐ уште се преплашени.

Ги напуштивме мештаните на Маврово и Ростуше во страв од вчерашните земјотреси. Инаку, селата Леуново и Никифорово немаат вода за пиење. Од општината велат дека чекаат да се смират изворите, за да можат да се исчистат, а дотогаш жителите ќе бидат снабдени со вода на алтернативен начин.