Жителите на Синичане сѐ уште на протест – Џемаили: Очекувам покана за втора средба во Владата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Жителите на Синичане и натаму протестираат поради прекинот на работите за водоводот во нивното село. Тие се уште се на Шар планина. Велат дека тука ќе бидат се додека нивното село не добие вода за пиење, затоа упатуваат апел до владата ситуацијата да се реши што побрзо.

„Постигнавме договор дека ќе има разбирање од владата и дека ќе почнеме со работите.Додека не добиеме некоја вест од владата ние ќе останеме овде. Ќе останеме тука додека  го постигнеме нашето барање за вода за пиење.Треба и владата да реагира малку и да се донесе одлука, бидејќи постигнавме договор меѓу Синичане и Урвич и треба да има вода за пиење и во Синичане“, вели жител.

Градоначалникот на Боговиње, Аљбон Џемаили вели дека во текот на денешниот ден разговарал со министерот за земјоделство кој му ветил дека за 3-4 дена ќе има средба во владата.

„Јас реално очекував да добијам информација вчера, бидејќи овде жителите се дење ноќе, без вода за пиење, и денеска имав разговор со министерот за земјоделство бидејќи тој упати покана за  средба во влада и се консултирав со него и добив ветување дека за 3-4 дена ќе се одржи средба  поради набиената агенда на премиерот“, посочува Аљбон Џемаили.

Пет илјади жители на селото Синичане немаат вода за пиење, а полицијата ја блокираше нивната доброволна иницијатива за поставување на систем за водовод со образложение дека немаат дозвола за тоа. Водата со која во моментов се снабдува село Синичане е со прекини и не е за пиење. Дури има опасност од бактеријата ешерихија коли. Веќе пет дена жителите се на планината на протест со цел што побрзо да се реши нивниот проблем со водоводот.