Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, во гостувањето во емисијата „Бизнис21“ на ТВ21 откри дека до институцијата стигнале околу 50 пријави за сомнителни уписи на имот. Според него, дел од случаите веќе се проследени до Министерството за внатрешни работи и се процесуираат за понатамошно постапување.
Живковски појаснува дека најчесто станува збор за уписи на имот кои не требало да бидат извршени, а во дел од пријавите се индицира и можен обид за корупција. „Имаме индикации и за правни и за физички лица кои нуделе нешто на вработените. Коруптивните дејствија се двонасочна улица — има некој што нуди и некој што бара“, изјави директорот.
За спречување на ваквите појави, Катастарот вовел внатрешни мерки со кои се минимизира контактот меѓу странките и конкретните службеници. Предметите од различни градови можат да ги обработуваат служби од цела земја, со што се отежнува потенцијална злоупотреба. „Скопски предмет може да решава некој од Гевгелија или Крива Паланка. Ги бараме сите механизми за да спречиме појава на корупција“, нагласи Живковски.
